Правилник за наградување и изрекување педагошки мерки

ОУ „Лазо Ангеловски“ – Аеродром –Скопје

Врз основа на законот за основно образование бр.103/08 и Одлуката на Училишниот одбор бр.02-403 донесена на седница одржана на ден 07.06.2025 ОУ „Лазо Ангеловски“-Скопје донесе

Интерен правилник

Член 1

Со овој правилник се уредувааат видовите на пофалби, награди и педагошки мерки за учениците во ОУ „Лазо Ангеловски“-Скопје.

Пофалби и награди

Член 2

Со пофалбите и наградите се стимулира развојот на позитивните особини кај учениците, се јакне вербата во сопствените можности и се дава признание за постигнатите успеси во воспитно-образовната дејност.

Член 3

Пофалби и награди се доделуваат на ученик-индивидуално, група ученици, ученичка секција, екипа и паралелка во текот и на крајот на учебната година.

Член 4

Ученикот се пофалува и наградува за комбинација на две или повеќе од наведениве критериуми:

  • залагање и напредување во наставата
  • залагање и постигнат успех во слободните ученички активности (натпревари:училишни, градски, државни и сл, литературни, ликовни и други наградни конкурси во училиштето и надвор од него, изложби, лични трудови и сл.)
  • примерно поведение и позитивно однесување (развивање другарство, меѓусебно почитување и помагање на другите ученици)
  • учество и придонес во разновидни активности во училиштето и надвор од него (учество во активности од производен, хуманитарен и културен карактер)

Пофалби и награди се доделуваат и на:

  • паралелка која особено се истакнува со примерно однесување и постигнат успех, како и со редовноста на извршувањето на училишните обврски.
  • група на ученици, секција или екипа која постигнува најдобри резултати во одредена активност организирана во училиштето или надвор од него, како и постигнување особени резултати на натпревари во училиштето и надвор од него.

Член 5

Предлог за пофалби и награди дава одделенскиот наставник или училишната комисија, а одлука донесува Одделенскиот, односно Наставничкиот совет на училиштето.

Член 6

Пофалбите се доделуваат усно и писмено. Писмените пофалби се даваат во вид на: диплома, пофалница и признанија. Наградите се даваат во вид на одредени вредности што одговараат на нивната педагошка намена (книги, билети за театарска или кино претстава или други културно уметнички или спортски претстави, платен престој за организирано зимовање или летување, екскурзии, претплата на детски списанија или весници, ученички прибор и др.)

Член 7

Доделувањето на пофалбите и наградите ќе се врши на свечен начин, пред учениците од паралелката, односно пред учениците во училиштето.

Во одредени прилики кога ќе одлучи Наставничкиот совет се покануваат и родителите на пофалените или наградените ученици.

Член 8

За пофалбите и наградите во училиштето се води евиденција во училиштето и тоа во: матична книга, одделенски дневник, евидентен лист, записничка книга од состаноци на Одделенски и Наставничкиот совет.

Педагошки мерки
Критериуми за:

  • Евидентирање на изостаноци
  • Оправдување на отсуства
  • Изрекување на педагошки мерки поради неоправдано изостанување
  • Изрекување на педагошки мерки поради непочитување на Куќниот ред на училиштето

Критериум за евидентирање на изостаноци:

Член 9

  • Евидентирањето на изостаноците е задолжително.
  • Кога се работи за отсуство поради вон-наставни активности организирани од училиштето (натпревари, квизови, учество на тв емисии и др.) во забелешката се евидентира причината.
  • Кога се работи за отсуство по барање на родителот, ученикот може да отсуствува ако неговото изостанување родителот го најави однапред, но не повеќе од 5 дена во наставната година.За најавеното отсуство родителот поднесува писмено барање со наведување на причината (одделенскиот раководител во забелешката евидентира: „По барање на родителите,, Чл.57 од Законот за основно образование-Службен весник на Р.М. 103/08
  • Се евидентира секоа задоцнување на ученикот и се забележува колку минути е задоцнето

Критериуми за оправдување на отсуствата
Член 10

  • отсуство поради болест се оправудва со уредна медицинска белешка најдоцна една недела од отсуството.
  • Родител може да оправда отсуство без белешка најмногу 3 дена во едно полугодие од наставната година.
  • Се оправдува задоцнување само на првиот час, првите два пати во наставната година.Задоцнувањето на сите останати часови е неоправдано.
  • Се оправдува отсуство на ученик кој добил дозвола од предметен или одделенски наставник и истото се евидентира во графата за забелешка (со дополнително известување од родителот )

Критериуми за изрекување на педагошки мерки поради неоправдано изостанување

Член 11

  • Усна опомена од одделенскиот раководител се изрекува на ученик кој ќе направи 4 (четири) неоправдани изостаноци.
  • Писмена опомена од одделенски совет се изрекува на ученик кој ќе направи од 5 (пет) до 7(седум) неоправдани изостаноци.
  • Намалено поведение на добро се изрекува на ученик кој ќе направи од 8 (осум) до 15 (петнаесет) неоправдани изостаноци. Исто така Намалено поведение на добро се изрекува на ученик кој ќе направи 7 (седум) неоправдани изостаноци од ист наставен предмет.
  • Намалено поведение на незадоволително се изрекува на ученик кој ќе направи над 16 (шеснаесет) неоправдани изостаноци.
  • На предлог на одделенскиот раководител, а со одлука на Одделенски и Наставнички совет педагошките мерки усна и писмена опомена може да се стават во мирување ако ученикот не направи дополнителни неоправдани изостаноци.

Критериуми за изрекување на педагошки мерки поради непочитување на куќниот ред на училиштето

Член 12

На учениците кои ги прекршуваат правилата на однесување и непочитување на куќниот ред во училиштето, а со цел да се постигне чувство на одговорност и спречување на негативните појави, се применуваат следните педагошки мерки.

  • Укор
  • Усна опомена од одделенски раководител
  • Писмена опомена од одделенски совет
  • Намалување на поведението на добро
  • Намалување на поведението на незадоволително
  • Префрлување на ученикот во друго одделение
  • Префрлување на ученикот во друго училиште

Член 13

Педагошките мерки се изрекуваат согласно критериумите на објективност, одмереност, праведност и педагошка одговорност.

Педагошките мерки се изрекуваат индивидуално за секој ученик со претходно проучување на околностите кои довеле до потреба од нивно изрекување.

Пред изрекување на педагошките мерки, од член12 (алинеа 3,4,5,6,7) претходи разговор со ученикот и родителот (старателот). Родителот (старателот) се повикува преку ученикот, по телефон или по пошта. Доколку на повикот не се јави родителот (старателот), се изрекува педагошката мерка и за тоа се информира родителот (старателот) во рок од 3 дена од потврдување на Наставничкиот совет.

Разговорот може да го води одделенскиот наставник, одделенскиот раководител, предметен наставник, стручен соработник и по потреба директорот на училиштето.

При изрекување на педагошките мерки не смее да се повреди личноста на ученикот.

Член 14

Спрема учениците од прво и трето одделение не се применуваат педагошки мерки.

Спрема учениците од 4 (четврто) и 5 (петто) одделение од деветгодишно образование се применуваат педагошките мерки

  • Усна опомена од одделенски наставник
  • Писмена опомена од одделенски совет

Член 15

Педагошките мерки се изрекуваат кај учениците кои:

  • Недолично и неодговорно се однесуваат спрема соучениците, наставниците и другите вработени во училиштето
  • Не го почитуваат Кодексот на однесување на училиштето
  • Ја попречуваат воспитно-образовната работа во паралелката и училиштето
  • Го уништуваат училишниот имот

Член 16

Изречената педагошка мерка детално се образложува со цел да е разбирлива за ученикот спрема кого се применува.

За изречената педагошка мерка на ученикот се известува родителот (старателот), усно или писмено.

За изречените мерки од член 12 ( алинеа 3,4,5,6,7) од овој правилник, родителот (старателот) може да поднесе приговор во рок од 7 (седум) дена од денот на известувањето.

Приговорот се поднесува до Училишниот одбор кој може педагошката мерка да ја потврди, измени или укине.

Училишниот одбор пред да го разгледува приговорот бара мислење од Наставничкиот совет и директорот на училиштето.

Одлуката по приговорот е конечна.

Член 17

Изречените педагошки мерки се евидентираат во соодветна педагошка документација. (одделенски дневник, евидентен лист на ученикот, матична книга, записнички книги од Одделенски и Наставнички совет.

Член 18

Овој правилник стапува во сила со денот на неговото донесување.

Правилникот го изработи работна група составена од членовите:

  1. Маријана Новеска
  2. Иванка Николова
  3. Валентина Петрова
  4. Златика Ј. Даскалов
  5. Вангелица Поповска
  6. Жаклина Колевска